Во новото министерство за политички систем не се предвидени нови вработувања, туку ќе има преземања од владиниот Секретаријат за Рамковен договор, а конечно ќе биде решен проблемот со вработените според тој договор, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Според Манчевски, завршени се постапките за ангажман на дел од вработените според Рамковниот договор кои не беа распоредени на работни мести, а во најскоро време тоа ќе се направи и со другите откако завршија претседателските избори и нема законски ограничувања.
– За стотици веќе е завршена постапката, а за остатокот откако завршија претседателските избори и веќе нема ограничувања во најсокро време ќе биде завршена, така што проблемот после десет години во голем дел е решен и конечно ќе биде решен, рече Манчевски, одговарајќи на новинарски прашања во тек на конференцијата за дигитализација, во организација на МАСИТ и компанијата „Даталаб“.
Прашан кога ќе има видливи реформи во администрацијата, ресорниот министер наведе дека во делот на услугите за граѓаните дел се видливи, дел ќе стартуваат за еден до два месеца, а кај реорганизацијата на администрацијата до крајот на годинава.На најтранспарентен начин, посочи, може да се следат активностите за реформите на кои се работи.
– Го отворивме центарот „Една точка за услуги“ во Скопје, проект што ќе продолжи да се шири и во другите градови. Се работи за проблеми кои се таложеле 30 години и што првпат која било Влада се одлучува да ги решава наместо да ги става под тепих. Дел од работите се видливи, но во најголем дел нешто следува брзо, нешто до крај на годината, за нешто и по четири – пет години. Навистина се работи за тешки и обемни процеси, но важно е дека тргнавме по вистинскиот пат, ги објавуваме реално состојбите како што се, имаме извештај, сите не следат што работиме, имаме индикатори и акциски план за Стратегијата за реформа на јавната администрација, наведе министерот Манчевски