Основниот суд Скопје 1 во вторникот покрена иницијатива до Собранието на Република Македонија за разрешување на Александар Даштевски од претседателското место во Комисијата за заштита од дискриминација.
Барањето, како што информира претседателот на судот, Иван Џолев, на денешната средба со новинари, е поднесено поради злоупотреба на службената положба и нестручно и несовесно вршење на функцијата. Поради истата причина, како што кажа, судот не го прифати и барањето за изземање на судијката Добрила Кацарска поднесено од бранителите на Гордана Јанкулоска.
Тие до судот доставиле мислење од Комисијата за утврдено вознемирување од член 7, став 1 од Законот за заштита од дискриминација потпишано од претседателот Александар Даштевски. Судот веднаш реагирал на мислењето и побарал информација дали се одржала седница на кое е донесено решението, но не добил одговор.
Според Џолев, станува збор за преседан и недозволен апсурд во судската светска пракса.
– Сметаме дека тоа е мешање во судската власт. Судот утврдува дискриминација кон некого, а не генерира. Доколку судијката постапувала лошо кон некого може да достави претставка по која одлучува судот, рече Џолев и додаде дека не може Собранието да утврдува дискриминација од судија.
За Даштевски посочи дека постапувал надвор од својата обврска и нестручно.