„Битката наша не е да ја убедиме Бугарија, туку ЕУ да не ја прифати бугарската позиција и во тоа успеавме. Врз основа на тие три работи што ги добивме, за возврат се обврзавме дека ќе ги направиме уставните измени во текот на скринингот и потоа заедно со Албанија да ги продолжиме преговорите“, вели Маричиќ.

ВМРО-ДПМНЕ и Левица формираа антиевропски блок кој деновиве ја заострува реториката, а потврда за тоа е вчерашната расправа на собраниската Комисија за уставни прашања, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостување на Канал 5. Според него двете партии имаат идентични позиции со кои ги убедуваат граѓаните дека уставните измени никогаш не смее да се случат, затоа што на тој начин ќе сопреме на нашиот пат кон ЕУ ,или пак дека сега не е време и дека треба да чекаме уште или да бараме подобри решенија и подобри предлози. Тие варијанти според Маричиќ носат во ќорсокак и во долгогодишна блокада.

„Ние го спроведуваме она што нашето Собрание го усвои минатата година пред отворањето на преговорите. На 16 јули минатата година нашето Собрание ги усвои заклучоците меѓу кои беше и оваа обврска за овие уставни измени со коишто внесуваме во нашиот Устав, во преамбулата уште неколку заедници на оние што веќе се таму. Ние се обидуваме веќе цела година, на различни начини да разговараме со опозицијата и да ја убедиме дека ова е вистинскиот чекор. За жал, пружајќи го отпорот во целиот овој период се формира еден антиевропски блок или анти ЕУ блок што ја заострува реториката овие денови, а којшто се состои од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и тоа го видовме и вчера на седницата“ вели Маричиќ.

Прашањето за можна одложена примена на уставните измени Маричиќ потсети дека не било пропуштено во преговорите и дека тоа било почетна позиција власта.

„Кога разговаравме со Кирил Петков минатата година го повторивме ставот, но Бугарија рече дека не треба да се чека толку долго, тоа е премногу за заштита на некоја етничка заедница кај вас. Рековме дека нам ни треба гаранција дека нема да има нови неразумни барања, значи да има се напишано во преговарачката рамка за да не може било која Влада или претседател на Бугарија да има нови барања, и тоа го добивме. Второ да започнеме преговори со првата Меѓувладина конференција и скриниг процесот и трето инсистиравме на запишување на македонскиот јазик во преговарачката рамка и покажување на дело од бугарската страна дека може да потпишуваме договори со ЕУ“, рече Маричиќ.

Предлогот постигнат со посредство на Франција, Германија, ЕУ и сите стратешки партнери е компромис од трите барања, потенцира Маричиќ кој вели дека токму тој предлог бил ставен на маса пред опозицијата.

„Битката наша не е да ја убедиме Бугарија, туку ЕУ да не ја прифати бугарската позиција и во тоа успеавме. Врз основа на тие три работи што ги добивме, за возврат се обврзавме дека ќе ги направиме уставните измени во текот на скринингот и потоа заедно со Албанија да ги продолжиме преговорите“, додаде Маричиќ.