Вицеперемиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, го пречека во недеката попладнето шпанскиот премиер Педро Санчез Перез-Кастехон, на Меѓународниот аеродром Скопје.
Вицепремиерот Маричиќ му посака топло добредојде на шпанскиот премиер, Педро Санчез, и изрази големо задоволство од неговата посета, која е уште една потврда дека нашата земја има вистински пријатели во Европската Унија.
„По историскиот чекор кој го направивме кон ЕУ и отворањето на преговорите, нашиот традиционален и верен пријател на европскиот пат, претседателот на Владата на Кралството Шпанија, Н.Е. г. Педро Санчез Перез-Кастехон, пристигна во Скопје, со што уште еднаш се потврдува позицијата и заложбата на Кралството Шпанија за интеграција на регионот во Унијата“, напиша вицепремиерот Маричиќ на својот Фејсбук профил.
Домаќин на шпанскиот премиер Санчез ќе биде македонскиот премиер Димитар Ковачевски, а организирана е и свечена церемонија на пречек пред платото на Владата, со највисоки државни и воени почести, по што ќе следи тет-а-тет средба на премиерите, како и пленарна средба на делегациите на двете земји.
Посетата на Македонија е дел од турнеја на Санчез низ земјите од Западен Балкан, што ги вклучува и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија.