Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ја лоцира одговорноста за неуспехот на судските реформи во блокадата што ја прави опозицијата, но смета дека вина имаат и судските власти.

Во одговор на новинарско прашање по прес-конференцијата со евроамбасадорот Дејвид Гир, вицепремиерот Мариќиќ рече дека главниот виновник може да се лоцира во онаа политичка структура што ја блокира сопствената држава со години.

-Многу повеќе закони и многу повеќе работи ќе беа направени да не беше таа блокада во Собранието. Дали се работи за Преспанскиот договор, дали се работи сега за овие уставни измени, секогаш сме се соочувале со сериозни блокади. Тоа не значи дека како Влада немаме недостатоци или слабости што треба да се надминат или дека другите институции коишто работат во правосудството немаат недостатоци и слабости, истакна Маричиќ.

Според него, прашањето за реформите во правосудството е комплексно прашање, за што одговорност гледа и кај судските власти и очекува по креирањето на патоказите, реформските закони да бидат поддржани од сите политички партии.

– Знам дека сакаме да има дежурни виновници за одредени прашања, но мислам дека комплексноста на овие прашања особено поврзани со прашањето на владеењето на правото се прашања што бараат политичка акција од сите политички партии, а исто така бараат и институционална акција од надлежните институции. Владата не може и не треба да ги решава проблемите на Судскиот совет, исто како што Судскиот не треба и не може да ги решава проблемите на Владата. Не е должност на Владата да ги решава проблемите во кој било кој суд во државата. Напротив, судовите сами треба да ги решаваат своите проблеми, а Владата да овозможи рамка за нивно дејствување, нагласи Маричиќ.

Тој смета дека нема подобра рамка од преговорите со ЕУ за решавање на овие проблеми нотирани во Извештајот на ЕК.

Фото: МИА Архива