Преговорите со ЕУ нè обврзуваат да исполниме сè она што е потребно за да обезбедиме одржлив развој на државата преку образование и економија која е базирана на знаење, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на дебата со младите која се одржа во Европската куќа во Битола.
Според Маричиќ, младите имаат европска визија и се наша движечка сила кон ЕУ.
-Најважните ресурси на македонското општество се студентите, кои со нивното знаење нè прават да бидеме конкурентни на европскиот пазар на труд. Целта на Владата е младите да останат дома и да придонесат за сеопфатниот напредок на Македонија и да живеат и работат во својата држава, додаде вицепремиерот за европски прашања.
Тој истакна дека независните и професионални институции, владеењето на правото и квалитетното образование се здрав темел за напредок и развој на нашата држава.