Момир Маричиќ, татко на Бојан Маричиќ, порача „једи *вна ти што прашуваш“, на видеото каде новинар на „А1он“ упатуваше прашања до еврокомесарот Дејвид Гир и вицепремиерот. Коментарот беше оставен вчера, а достапен беше се до попладнево, кога „А1он“ го контактираше вицепремиерот. Бојан Маричиќ се огради од однесувањето на таткото Момир, притоа, во телефонски разговор и лично се извини во негово име, но и во име на неговиот татко. Смета дека коментарот бил пишан во афект, по што додава: „Што секако не е оправдување“.
„Целосно се оградувам од какви било навредливи пораки кои ги објавил кој било вклучувајќи го и мојот татко. Неговите коментари во никој случај не ги одразуваат моите ставови, ниту некогаш зборувал во мое име. И двајцата сме возрасни и секој одговара за своите ставови и постапки. Јас моите ставови ги изнесов јавно на прес конференција и секогаш изнесувам ставови кон медиуми со должна почит и внимание“, вели Маричиќ за „А1он“.
Од „А1ОН“ вчера се обиделе да стапат во контакт и со Момир Маричиќ во врска со неговиот коментар. На прашањето упатено преку порака до профилот од каде е објавен коментарот, дали останува на напишаното „једи *вна ти што прашуваш“, тој не одговори.