Во однос на објектите, инфраструктурата, се преземаат вообичаените безбедносни мерки. Нема причина да создаваме чувство на поголема опасност кај граѓаните, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите и појасни дека Владата, преку Министерството за надворешни работи, внимателно ги следи случувањата во Иран и на Блискиот Исток, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис не одговори директно дали постои загриженост за можен напад на американската база во Суда на грчкиот остров Крит, единствено повтори дека се преземаат вообичаените безбедносни мерки и упати на демантот од саботата од Министерството за национална одбрана на Грција по натписите во медиумите дека аеродромот е затворен, нагласувајќи дека „аеродромот функционира нормално“.

– Повторувам дека нема некаква причина за дополнителна загриженост и создавање клима на страв кај граѓаните. Се преземаат вообичаените безбедносни мерки. Очигледно, сите што треба да бидат во состојба на готовност се во готовност и мислам дека треба да се задржиме на она што досега е кажано, особено кога станува збор за толку чувствителни прашања во еден толку критичен период. Нема потреба да кажуваме повеќе, рече Маринакис.

Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина дали Владата е загрижена дека ситуацијата на Блискиот Исток може да има последици врз економијата, туризмот, мигрантското прашање во Грција, владиниот портпарол посочи дека се во зголемена состојба на готовност за сите прашања, но и дека сето она што се случува во светот, во изминатиот период „покажува колку е важно Грција да има стабилна влада, која со своите одлуки и на полето на надворешната политика, и во одбраната, и на економски план, ја зајакнува и ја унапредува земјата“.