Црногорскиот премиер Душко Марковиќ го предупреди денеска митрополитот Амфилохије да не поттикнува немири во Црна Гора.
– Ова е последно предупредување до митрополитот Амфилохије да не поттикнува немири, истакна Марковиќ.
Тој денеска изјави дека е необјасниво властите во Србија да не го осудат обидот за палење на црногорското знаме во Белград пред амбасадата на Црна Гора за време на протестите на група незадоволни граѓани поради усвојувањето на Законот за салобода на вероисповед.
– Уште почудно е што министрите во Владата на Србија и некои нивни програмирани аналитичари неконтролирано ја навредуваат Црна Гора и нејзините институции, нагласи Марковиќ на прес-конференција во Подгорица.
Марковиќ го повика митрополитот црногорско-приморски на Српската православна црква во Црна Гора, Амфилохије да не поттикнува немири и незадоволство.
– На митрополитот му советувам да не поттикнува незадоволство и немири. Ова е последна опомена во таа смисла, бидејќи Црна Гора и државните институции нема да дозволат предизвикување немири, напади врз државни службеници, полиција, загрозување на имотот и ограничување на правата на другите граѓани, нагласи црногорскиот премиер.
Тој побара од свештенството на СПЦ да се „врати во црквите и храмовите, да ги повика своите верници да им служат и да престојуваат во храмовите и да не ги повикуваат на давање отпор кон власта поради Законот за слобода на вероисповед“.
Од друга страна, митрополитот Амфилохије вечерва му одговори на црногорскиот премиер дека „Црквата не поттикнува на протести, особено не насилни, ниту на судир со полицијата“.
– Тоа не значи дека верниците не треба да се слободни да го искажат своето противење кон беззаконието и лошата намера кон нашата Црква со усвојувањето на овој Закон, но и храбро, јасно и одлучно да го изразат своето незадоволство во јавноста, порача митрополитот.