Со пораката „Ние изгубивме, вие имате уште за што да се борите“ и со свирежи пред инспекторските служби, пред полицијата и пред Основниот суд и Јавното обвинителство во Кочани, семејствата на починатите и на повредените во пожарот во клубот „Пулс“ попладнево го организираа осмиот „Марш за ангелите“.
Тргнувајќи од Паркот на Револуцијата учесниците на маршот поминаа низ Трговскиот центар, кратко запреа пред зградата на Општина Кочани каде се сместени и инспекциите, а оттаму се упатија пред Одделението за внатрешни работи порачувајќи дека нема да се откажат од барањето правда за своите најмили.
Во јавното обраќање пред Обвинителството родителите реагираа што бројот на осомничените од 73 се намалил на 46 лица, а повеќето од оние кои треба да одговараат не се повикани на распит, ниту пак се осомничени. Нагласија дека во периодот на болка и тага биле принудени да ги проучуваат законските норми и прописи за да не бидат изманипулирани, а сите сознанија до кои дошле ќе ги објават на заеднички профил на социјалните мрежи.
-Документирано и потврдено е дека дискотеката „Пулс“ работела нелегално, но вие не можете да ги видите пропустите на институциите што се јавно достапни и очигледни. Дали при контрола на УЈП е констатиран прекршок, бидејќи нема договор за закуп и наплата на наемнина преку фолио издадено преку електронскиот систем. Министерството за економија и труд во електронскиот систем го имало податокот дека лиценцата на „Пулс“ не е обновена. Во регистерот на издадени лиценци за вршители на угостителска дејност, објавен во август 2024 година, ДПТУ „ММММ Кафе – клуб Пулс“ – Кочани е во одобрени лиценци за една година, а ја добило на 15 феврауари 2023 година. Зошто Државниот пазарен инспекторат не направил контрола за лиценцата која е неважечка. Министрите, инспекторите и вработените во инспекторатот не се меѓу осомничените за незаконско работење, а иако беше најавен, сѐ уште нема одговор зошто не е направена ревизија на лиценците, истакнаа родителите во јавното обраќање.
Родителите најавија дека ќе продолжат со своите истраги и ќе ја играат улогата на УЈП и на другите надлежните институции, посебно што било дозволено клубот „Пулс“ да работи со блокирана сметка дури 217 дена, а при контролите е утврдено дека не се издаваат фискални сметки.
-Покрај обврската на МВР да дава согласност дека објектот ги исполнува условите за заштита на јавниот ред и мир, за безбедност во сообраќајот и слично, имал обврска за проверка на работното време, на гласноста и бучавата, внесувањето пиротехнички средства, присуството на малолетници и точење алкохол, проверка за наркотични супстанци. Таа кобна вечер сите овие законски членови се прекршени, а не е одговорено дали пиротехничките средства се набавени од правно или физичко лице, дали тоа имало одобрение и дали е запишано во судскиот регистар. Во дискотеката биле присутни полициски лица кои биле во службена акција, но дали се повикани на распит, а смената на началниците во СВР и ОВР не е доволна, додадоа родителите во обраќањето.
Од осмиот „Марш за ангелите“ во Кочани родителите порачаа дека остануваат на барањето за неселективност во постапката, а ако не ја добијат правдата пред домашните правосудни органи, вистината ќе ја обелоденат во меѓународни рамки.
фото: МИА