Можам да потврдам дека „Дрекслер Мајер“ нема да ја напушти земјава и оти странските инвеститори ја земаат предвид Македонија како земја за инвестирање која има големи перспективи на тоа поле, порача денеска Патрик Мартенс, претседателот на Германската стопанска комора во Македонија.
Тој најави дека има заинтересирани германски компании што сакаат да инвестираат во Македонија, како и компании што се заинтересирани да инвестираат во истражување и развојот и посочи дека ќе има инвестиции во кои се бара високо ниво на инженерски вештини.
-Пазарот на трудот е многу важен при одлучувањето на странските компании дали ќе инвестираат во земјава или не, а фактот што некоја голема автомобилска компанија го земала регионот во предвид за своите инвестиции е знак дека работите добро. Фактот што е избрана некоја друга земја не мора да значи дека треба да се обесхрабрувате, туку да работите подобро, особено ако се земе во предвид пазарот на трудот затоа што има големо влијание врз одлучувањето на странските инвеститори, изјави Мартенс во Стопанската комора на Македонија.
Нагласи дека во истражувањето што го објавија вчера се покажало дека не може исто да се задоволат сите странски инвеститори и додаде дека 50 проценти од инвеститорите биле задоволни. Порача дека земјава треба постојано да работи на подобрувањето на пазарот на трудот за да го подобри процентот на задоволни инвеститори.
-Утринава во Владата имавме дискусија за економското истражување што го направивме и разговаравме со вицепремиерот Кочо Анѓушев за приватниот сектор и за владината поддршка за инвестициите. Владата е наш партнер и заедно треба да работиме да го задржиме нивото што го имаме. Во истражувањето беше посочено дека 78 отсто од странските инвеститори повторно би инвестирале во Македонија. Ова високо ниво треба да се задржи, бидејќи е голема конкуренцијата кога станува збор за изборот на локација на странските инвеститори, потенцира Мартенс.
Вицепремиерот Анѓушев посочи дека на разговорот присуствувале сите министри од економските сектори и оти заеднички ги проанализирале бројките од анкетата што вчера ја објави Германската стопанска комора во Македонија.
-Јасно ги детерминиравме сите проблеми што предизвикале некои бројки во анкетата да бидат негативни. Главните причини за негативните бројки во анкетата се однесуваат во делот дека сакаат малку попредвидлива политика во економијата, односно навреме да бидат информирани за промените во даночната политика и во делот на минимална плата, а искажаа и потреби царинските тарифи да бидат прилагодени на европските, посочи Анѓушев.
Прецизира дека во анкетата се покажало оти 78 проценти од германските инвеститори повторно би инвестирале во нашата земја, 48 проценти од компаниите ќе ги зголемат прометот во 2019 година, а само 15 проценти ќе го намалат. Извозот од нашата држава ќе го зголемат 41 процент од компаниите, а само седум ќе го намалат, додека 39 проценти од анкетираните компании ќе го зголемат бројот на вработени во 2019 година наспроти 10 проценти кои ќе го намалат. в