Француските обвинители започнаа кривична истрага против компанијата X поради наводи дека компанијата, во сопственост на милијардерот Илон Маск, манипулирала со алгоритми за целите на „странско мешање“.

Судијката Лоре Бекуо денес изјави дека обвинителите започнале истрага во среда и испитуваат дали социјалната мрежа го прекршила францускиот закон со промена на своите алгоритми и лажно извлекување податоци од корисниците, објави Политико.

Кривичната истрага следи по истрагата започната во јануари и се базира на жалби од пратеници и неименуван висок државен службеник, рече Бекуо.

Во тужбата со која се започна истрагата во јануари, компанијата X е осомничена за ширење „говор на омраза и огромна количина расистичка, анти-ЛГБТ+ и хомофобична политичка содржина, што има за цел да ја наруши демократската дебата во Франција“.