Секој кој поттикнува насилство на интернет ќе се соочи со целосната сила на законот, предупреди портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер откако Илон Маск рече дека „граѓанската војна е неизбежна“ по неколкудневните немири во Велика Британија.
Маск, милијардерот и сопственик на X, го напиша овој коментар на својата социјална мрежа под видеото на кое се гледа како бунтовници фрлаат огномет кон полицијата.
„Нема никакво оправдување за ваквите коментари. Секој што поттикнува насилство на интернет ќе се соочи со целосната сила на законот“, изјави портпаролот на британскиот премиер, пренесе „Скај њуз“.
Онлајн платформите имаат одговорност. Значи, ако поттикнувате насилство, не е важно дали е онлајн или офлајн“, рече тој и додаде дека британската влада работи со социјалните мрежи за да обезбеди отстранување на дезинформациите.
Министерот за наука, иновации и технологија Питер Кајл рече дека одговорноста за штетната содржина на социјалните мрежи „лежи во голема мера кај поединците и групите кои ја создаваат“.
„Но, неспорно е дека социјалните мрежи обезбедија платформа за оваа омраза“, додаде тој.
Повеќе од 400 луѓе се уапсени од почетокот на немирите минатиот вторник по апсењето на Аксел Рудакубана (17), кој е обвинет за убиство на три девојчиња и десет обиди за убиства. (МИА)