Американскиот технолошки милијардер Илон Маск денеска изјави дека се надева оти во иднина ќе има целосно слободна трговија меѓу САД и Европа. Маск, советник на Трамп, кој работеше на намалување на државните трошоци на САД, зборуваше преку видео врска на конгресот на италијанската десничарска партија Лига, одржан во Фиренца, објави Ројтерс.

„На крајот на денот, се надевам дека е договорено дека и Европа и Соединетите Американски Држави идеално треба да се префрлат во, според мое мислење, ситуација со нула царини, ефективно да се создаде слободна трговска зона меѓу Европа и Северна Америка“, рече Маск. 

Според плановите на Трамп објавени во средата, Италија, која има голем трговски суфицит со САД, ќе подлежи на сеопфатна царина од 20 отсто заедно со другите земји од Европската унија.

Маск, кој постојано изразува поддршка за десничарските партии низ Европа, рече дека исто така се надева дека ќе има поголема слобода на движење меѓу Европа и САД.

„Ако луѓето сакаат да работат во Европа или сакаат да работат во Северна Америка, според мене, треба да им се дозволи тоа“, рече Маск, додавајќи дека тоа секако ќе биде негов совет до американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Танјуг.