Исфорсираната интеграција на С. Македонија во НАТО нема да придонесе во безбедноста и стабилизацијата на ситуацијата на Балканот, рече рускиот амбасадор во Грција, Андреј Маслов, говорејќи за грчката телевизија ЕРТ.
Тој ги отфрли тврдењата дека Русија сака да го наметне нејзиното влијание на Балканот, јави МИА од Атина.
-Нашата земја ја призна вашата соседна земја под новото име, но за жал решавањето на старото прашање со името го отвори патот за исфорсирана интеграција на С. Македонија во северно-атлантската алијанса и секако овој тек нема да придонесе во безбедноста и стабилизацијата на ситуацијата на Балканот, рече амбасадорот Маслов.
Рускиот амбасадор во Грција објасни дека во изминатите години се гледаат напори на одредени земји да воспостави нов поредок на работите, „што не е базирано на меѓународното право, туку на т.н. правила кои самите овие земји ги создаваат и ги презентираат како наводен став на меѓународната заедница“.
-Во однос на политиката на Русија на Балканот, ги отфрламе позициите што често ги гледаме по медиумите дека Русија наводно сака да го наметне нејзиното влијание на Балканот. Ние сакаме развој на односите со сите балкански земји на билатерално ниво и сме подготвени да ги развиеме овие односи на степен на кој самите земји го посакуваат тоа, објасни Маслов во интервјуто за ЕРТ.