Илјадници приврзаници на опозицијата се собраа денеска пред полскиот парламент за да протестираат против реформите на новата влада во државните медиуми и апсењето на двајца поранешни министри обвинети за злоупотреба на власта.
Демонстрациите ги одразуваат растечките тензии во земјата додека новата проевропска коалициска влада предводена од Доналд Туск се обидува да ги укине политиките на претходната влада, националистичката партија Право и Правда (ПиС).
Претседателот Анджеј Дуда, сојузник на ПиС, денеска изјави дека го започнал процесот за помилување на двајца поранешни министри кои беа уапсени оваа недела под обвинение за злоупотреба на власта, што значи дополнително заострување на односите со новата влада.
„Мораме да ја добиеме оваа голема битка за суверена, независна Полска“, рече водачот на ПиС, Јарослав Качински, пред толпата.
Пред зградата на парламентот се вееја бројни црвено-бели полски знамиња, меѓу кои и транспаренти со натписи „Туск=пет колумнист“ или „Ги преживеавме Русите, ќе го преживееме Туск“. Некои го извикуваа името на Дуда и „Ќе победиме!“.
Државната новинска агенција ПАП ја цитираше градската управа на Варшава дека проценува дека се собрале околу 35.000 демонстранти, додека портпаролот на ПиС рече дека има речиси 200.000.
Демонстрантите ги слушале говорите на претставниците на ПиС пред да го започнат својот марш кон канцелариите на државната телевизија. Новата влада го смени раководството на државните медиуми со образложение дека сака да ја врати рамнотежата во медиумите, кои станаа платформи за пропаганда на ПиС за време на нејзиното осумгодишно владеење.
Телевизискиот канал ТВП Инфо, кој постојано го напаѓа поранешниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск откако се врати во полската политика, е исклучен и вратен во значително изменета форма.
„Бидејќи луѓето можат да го прекинат телевизискиот сигнал, секој има право да избере што сака“, вели 60-годишната Ела. „Покрај тоа, луѓе се уапсени. Преплашена сум од тоа што се случува, затоа и дојдов овде“, додаде таа.