Сепаратистите од Каталонија го одржаа првиот масовен собир во Барселона од почетокот на пандемијата на коронавирус, сакајќи да покажат единство и покрај поделбите во нивните редови пред преговорите со шпанската влада.
Илјадници демонстранти кои го поддржуваат отцепувањето на Каталонија од Шпанија, маршираа со знамиња и транспаренти во центарот на Барселона, пренесува Бета.
Луѓето носеа маски на собирот, кој беше одржан откако регионалните власти ги олеснија мерките за бројот на луѓе што можеа да присуствуваат.
Датумот не е прецизиран, но преговорите меѓу централната шпанска и регионалната каталонска влада треба да се одржат наскоро, со цел надминување на политичката криза што трае од 2017 година.
Очекувањата се мали бидејќи каталонските сепаратисти бараат референдум за независност.
Партиите што ја поддржуваат независноста на Каталонија се поделени по прашањето за преговори. Водечката про-сецесионистичка партија смета дека преговорите се најдобриот начин за решавање на кризата, додека другите две страни сметаат дека нивната цел може да се постигне само со друг едностран потег на каталонските власти.
Со години каталонското општество е поделено на жестоки сепаратисти и оние кои сакаат Каталонија да остане дел од Шпанија.