На Палестинците мора да им се дозволи да имаат своја држава, а решението со две држави е единствениот одржлив пат кон мир на Блискиот Исток, изјави денес италијанскиот претседател Серџо Матарела.
„Мораме да работиме на тоа да укажеме на историска перспектива што им овозможува на Палестинците да имаат своја држава, оставајќи ги настрана страдањата и огорченоста, а воедно да ја обезбедиме безбедноста на Израел“, рече Матарела во Луксембург.
Тој нагласи дека ситуацијата во Газа е неприфатлива и дека арапските земји мора да се вклучат во нејзиното решавање. „Потребно е брзо размислување, со вклучување на арапските земји, за да се најде решение што ќе ја реши денешната сериозна ситуација“, рече Матарела за време на разговорите во Луксембург.
Шефот на италијанската држава рече дека прекинот на огнот мора да се постигне „веднаш“ и дека Хамас мора да ги ослободи сите заложници, објави Анса.
Зборувајќи за ситуацијата во Украина, Матарела рече дека никој „не сака да ја понижува Русија“, туку дека е потребно да се постигне праведен мир.