Потврдите за лицата со хронични болести кои досега ги издаваа лекарите специјалисти и со кои тие беа задолжени да седат дома, сега со промената на начинот на издавање на овие потврди можат да ги издаваат и матичните лекари. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
– Доколку во овој момент истече некоја потврда за хронични болести и за хронична терапија на пациентите кои досега ги добиваа од лекар специјалист сега можат да се упатат само кај својот матичен лекар. Да не бараат потврда од специјалист. Со ова сметавме дека значајчно ќе се олесни функционирањето во овој дел, рече Филипче.
Прашан за апелот што се шири на социјалните мрежи за идентитетот на лицата со коронавирусот, Филипче истакна дека разговарале да се ограничат информациите во однос на идентитетот и додаде оти во еден момент интересот бил навистина голем.
– Се уште има таков интерес, меѓутоа со зголемувањето на пристапот кон закажувањето на термините за тестирање, со веќе установената работа на епидемиолозите од Центрите за јавно здравје, тие солидно ја вршат својата работа, ги анализираат контактите, и примарните и секундарните. Верувам дека мерките што се донесени, верувам дека и дополнителните мерки коишто ние ќе ги предложиме до Владата дека ќе бидат усвоени и тоа сето ќе придонесе кон зајакнување и почитување на мерките за самоизолација, односно карантин, рече Филипче.
Прашан за терапијата за маларија која сега се покажуава како успешна за лекување на коронавирусот, Филипче рече дека веројатно се мисли на терапија со кинин.
– Веќе има некои публикации во коишто хидрохлор кининот се користи во комбинација со азотримицин група на антибиотици. Ние во текот на вчерашниот ден бевме контактирани од Меѓународното претставништво одговорно за целиот овој регион од Европа и го покажавме интересот да добиеме соодветна количина на лекови, согласно бројот на пациенти и согласно населението. Во текот на следната недела го очекуваме одговорот од ова претставништво на таа компанија, рече Филипче.
На новинарско прашање како заболеле сопружниците од Кавадраци од коронавирус и дали еден од нив е доктор, Филипче рече дека сите коишто се идентификувани како пациенти се или хоспитализирани или на домашно лекување.
-Сите контакти се анализирани. Во болницата во Кавадарци се пристапи кон сите здравствени работници што биле во контакт, потенцијалните пациенти кои биле или се во ризик. Кај дел од нив кај што е одредено дека е веќе поминато доволно време се земени материјали, брисеви за анализа. Тие ќе бидат готови или до вечерните часови денеска или во раните утрински часови во текот на утрешниот ден после што ќе бидат преземени и соодветни совети и мерки – дали за лекување, дали за изолација. Значи, направена е целата епидемиолошка анкета и шема околу новодијагностицираните, одговори Филипче.
На поплаките од граѓаните дека телефонските линии на Институтот за јавно задравје се постојано зафатени и не можат да воспостават комуникација за да се тестираат, Филипче потенцира дека веќе од денеска функционира кол-центарот, а бројот ќе биде објавен јавно во претстојниот период.
– Верувам дека ова значајно ќе го олесни пристапот до пациентите. Тука ќе може да се информираат како за тоа дали е потребно тестирање согласно епидемиолошките податоци коишто ќе ги дадат, така и за некои технички работи во однос на боледувањата, издавањето на документи итн., рече Филипче.