Македонското друштво „Илинден” – Тирана побара од Лорант Винче, европратеник на Унгарскиот демократски сојуз од Романија и претседател на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), да го поддржи Извештајот за нашата земја во Европскиот парламент.
-Во име на македонското национално малцинство во Република Албанија, македонското друштво „Илинден“-Тирана бара да го усвоите Извештајот за напредокот на Македонија кон Европската Унија во Европскиот парламент, кој го содржи долгоочекуваното признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, се наведува во дописот.
Се додава дека „македонскиот јазик и македонскиот идентитет претставуваат рамноправен дел од културното и јазичното милениумско богатство на Европа”.
Исто така се нагласува дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик се историски факт во континуитет од пред новата ера до денес и дека „Европскиот парламент има историска должност и одговорност да ја прифати историската вистина како цивилизациска придобивка”.
-Македонците во Република Албанија убедени се во вашата поддршка и искажуваат голема благодарност за вашето внимание и одлука. Завршувајќи го овој кус допис-барање, уште еднаш ви го искажуваме нашето највисоко почитување, се посочува во дописот потпишан од Никола Ѓурѓај претседател на друштвото.
МД „Илинден” веќе 10.години е рамноправна членка на ФУЕН, највисока малцинска организација во Европа.
Како што изјави Ѓурѓај идентично барање друштвото испратило и до Европска слободна алијанса (ЕФА).
Од март минатата година полноправна членка во ЕФА е партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ).
На Генералното Собрание одржано во Нант, Франција, на почетокот на мај годинава ЕФА усвои резолуција за заштита на македонскиот идентитет во Албанија и во Бугарија.