Амар Мециновиќ, во гостување на ТВ24, оцени дека​​​​​​​ прашањето за евентуалниот договор меѓу Македонија и Велика Британија за т.н. „third country hubs“, односно преземање мигранти во Македонија, е премногу сериозно за да се третира со дневнополитички напади и создавање паника. „Благодарен сум што конечно ја отвораме темата на место каде што може да се разговара со факти, без произволни политички заклучоци“, рече Мециновиќ, нагласувајќи дека јавната дебата мора да се води трезвено и без манипулации.

Според него, однесувањето на дел од опозициските партии, пред сè СДСМ, оди во насока на поттикнување ксенофобија наместо врз аргументирана анализа. „Она што опозицијата не смее да го прави, а го прави СДСМ, е да создава хистерија и да ја јава на бранот на хистеријата и со тоа задираат во чиста ксенофобија“, посочи тој, додавајќи дека таквиот пристап е популистички и опасен.

Мециновиќ потенцираше дека не тврди оти договор веќе постои, но дека постојат сериозни индиции за разговори меѓу двете земји. „Не доаѓам денеска да кажам дека владата има договор. Можеби и нема. Но, ќе ја поставам тезата дека е можно, и тоа многу возможно затоа што контекстот и изјавите од двете страни тоа го дозволуваат“, рече Мециновиќ. Тој нагласи дека додека македонските политичари даваат апсолутни негирања, британската страна преку медиуми и неофицијални политички актери остава впечаток дека се водат првични разговори. „Разговори има, затоа што ова е модел кој не се однесува само на Македонија, се однесува и на Косово, а нивните политичари изјавија дека би се впуштиле во ваков договор со Велика Британија“,

Најголемиот проблем, според Мециновиќ, е начинот на кој Владата го третира стратешкиот договор со Велика Британија кој останува нетранспарентен. „Договорот со Велика Британија не е обелоденет. Тој е нетранспарентен. Владата ја постави темата нетранспарентно, а тоа е истиот договор што веќе создава најголем концентриран долг во најкраток период“, истакна Мециновиќ. Според него, моделот на „third country hubs“ веќе се применува во регионот, како во договорот меѓу Албанија и Италија, а Македонија неформално е веќе спомнувана како дел од оваа поширока иницијатива.

Притоа, тој истакна дека не смее да се прават паралели со мигрантските бранови од 2015 и 2016 година, бидејќи тогашниот политички контекст бил различен. „Тогаш имаше експанзија на ИСИС, вториот најголем град на Ирак, Мосул падна под ИСИС. Цела источна Сирија беше под ИСИС и тоа катализираше еден огромен бран заедно со нестабилноста во Сомалија, заедно со пропаѓањето на Либија што овозможи бран на криумчарење на луѓе кои тргнаа во надеж за подобар живот. Сега зборуваме за сосема поинаков модел, за лица кои ќе бидат одбиени за азил во Велика Британија и за кои меѓународното право нема јасна категорија“, рече Мециновиќ.

Особено ги нагласи правните ризици што би произлегле од прифаќање на лица одбиени за азил. „Меѓународното право забранува враќање на бегалец во земјата од која потекнува. Тоа отвора прашање што ќе прави Македонија со тие луѓе“. Според него, ваквиот модел може да генерира правни лавиринти, административни блокади па дури и кривична одговорност за оној кој ќе го потпише договорот.

„Не смееме да ја поедноставуваме темата, да шириме паника или да паѓаме во ксенофобични стапки. Треба да се отвори сериозна, транспарентна и аргументирана дебата“, заклучи Мециновиќ.