Со педесет милиони денари Владата ќе го поддржува печатењето и дистрибуирањето на печатените медиуми во земјава.
Предвидените средства ќе се доделат на печатените медиуми, кои се издаваат на македонски јазик во висина од 50 отсто од направените трошоци за печатење и 50 отсто за направените трошоци за дистрибуција. За медиумите кои се издаваат на јазиците на етничките заедици ќе се доделуваат средства во износ не помал од 50 отсто и не поголем од 70 отсто за направените трошоци за печатење и за дистрибуција.
Десетината печатени медуми, колку што опстанаа во земјава, ќе мора да ги исполнат сите критериуми содржани во Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми, која беше усвоена на последната владина седница.
Критериумите, како што посочи министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на денешната прес-конференција, се целосно усогласени со меѓународните стандарди.
-Корисници на овие средства се печатените медиуми од општ информативен карактер, коишто објавуваат содржини насочени кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културолошки прашања. Еден од потребните документи при поднесување на барањето за поддршка е доказ дека медиумот ги има исполнето сите обврски кон државата и секој медиум ќе мора во целост да ги има подмирено платите и придонесите кон сите вработени, посочи Поповски.
По завршување на целиот процес, додаде тој, јавноста ќе биде информирана за тоа кој печатен медиум добил финансиска поддршка, колку изнесува таа и кој медиум евентуално не ги исполнил условите.
Во изработката на Програмата биле вклучени Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми, свои предлози доставило и Здружението на новинари на Македонија, а во процесот на преговори меѓу Асоцијацијата и Владата најважната улога одиграла Мисијата на ОБСЕ.
Лирим Дулови, претседател на Асоцијацијата и уредник на „Коха“, истакна дека оваа помош е придонес за професионалното новинарство. Потсети дека до 2003 година секоја влада доделувала до еден милион евра помош за печатените медиуми, но овој пат критериумите за тоа како помошта ќе се доделува се предлози на Асоцијацијата, а Владата, како што рече, ги усвоила без забелешки.
Со тоа, рече, Дулови, ќе се спречат евентуалните политички пресметки меѓу политичките партии за нивно влијание во медиумскиот простор.
Нагласи дека во целиот процес помогнале сите организации, здруженија кои се поврзани со фелата, но најголем фактор и најголема поддршка имале од Мисијата на ОБСЕ, која од првиот момент се понудила да биде партнер во контактите и преговорите со Владата, кои траела една година.
-Со оваа помош за враќа надежта меѓу печатените медиуми, рече тој и нагласи дека од следната година е планирано ова решение да биде реализирано преку конкретен закон и да биде системско, со цел да не се остави простор во иднина ова прашање да биде злоупотребувано од другите влади.
На прашањето дали се предвидуваат и средства за поддршка на електронските медиуми, Поповски истакна дека секоја иницијатива, која ќе потекне од надлежните организации од фелата ќе биде разгледана.