Иднината на Маурицио Сари во Челзи веќе е несигурна, пишуваат денеска медиумите на Островот. Италијанскиот стратег ги презеде „сините“ минатото лето, но само неколку месеци подоцна може да биде отпуштен.
Вчера Челзи забележа кошмарен пораз од Борнемут со 0:4, и на тој начин лондонскиот тим веќе испадна од топ 4 на Премиер лигата.
Екипата од „Стемфорд Бриџ“ беше непрепознатлива, а во пракса, поразот синоќа става крај на нивните шанси за освојување на титулата во Англија.
– Се чувствувам разочаран, а не под притисок. Не гледам никакви сигнали од мојата работа и затоа сум разочаран. Можеби вината е моја, можеби не можам да го мотивирам тимот. Нашиот тим, сепак, е многу силен и може да победи дури и без тренер, рече Сари.
За време на гостувањето кај Борнемут, фановите на Челзи скандираа „не знаете што правите“.
– Можам само да им се извинам на нашите навивачи. Се разбира, можеме да го изгубиме секој натпревар, но не и на тој начин. Треба да го решиме проблемот. Треба да откриеме каде е проблемот, рече италијанскиот стратег, кој во летото го замени сонародникот Антонио Конте.