Русија е подготвена да ги продолжи разговорите со Украина, но само доколку Киев ја препознае реалноста на теренот и предлозите на рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев.

„Подготвени сме да ги продолжиме преговорите со Украина, но само доколку Киев ја препознае реалноста на теренот и предлозите дадени од рускиот претседател Владимир Путин за време на неговиот говор во Министерството за надворешни работи оваа година“, рече Медведев на прес-конференција по средба со кинескиот претседател Шји Џјинпинг во Пекинг, пренесе Тас.

Тој додаде дека на средбата со кинескиот лидер биле покренати темите за Украина и Сирија, како и прашањата за билатералната соработка, земајќи ги предвид промените во меѓународната политика, вклучително и сириската криза.

Одговарајќи на новинарски прашања за ситуацијата во Сирија, Медведев рече дека не е сигурен дека единството на Сирија ќе може да се одржи по промената на власта во земјата, дека сите народи и претставници на различни религии ќе можат да продолжат да постојат заедно.

„Сè уште не слушнав одговор на прашањето како ќе биде можно да се најде консензус за интересите на сунитите, шиитите, алавитите, друзите и христијаните“, посочи тој.

Медведев потсети дека Русија извесен период и давала сериозна поддршка на владата на поранешниот сириски претседател Башар ал Асад, бидејќи разбрала какви закани претставува можниот колапс на Сирија за целиот свет во сценариото на другите земји на Блискиот Исток.

„Тогаш овој тип на поддршка беше ефективен, но, се разбира, внатрешната ситуација зависеше од администрацијата, владата на поранешниот претседател на Сирија, Башар ал Асад“, рече Медведев, одговарајќи на новинарски прашања, пренесува Танјуг.

Коментирајќи ги изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека би можел да стави крај на конфликтот во Украина „за 24 часа“.

„Ќе молчам за можноста за решавање на ваква сложена криза за еден ден, мислам дека тоа е дел од збир на изборни слогани“, изјави Медведев пред новинарите, коментирајќи ги изјавите на Трамп.

Медведев е во дводневна работна посета на Кина.