Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, денеска изјави дека „специјалната воена операција треба да добие отворено екстериторијален карактер“ и „меѓу другото, да го вклучи и заземањето на Киев“ коментирајќи го нападот на украинските вооружени сили во областа Курск, во кои беа повредени 31 лице, меѓу кои и шест деца.
„Ова веќе не е само операција за враќање на руските официјални територии и казнување на нацистите“, напиша Медведев на „Телеграм“ и додаде дека „можно и неопходно е да се оди“ во „Одеса, Харков, Днепропетровск, Миколаев, Киев и пошироко“.
Според неговите зборови, не треба да има ограничувања во однос на одредени признати граници на „украинскиот рајх“ и дека сега за тоа може и треба да се разговара отворено, без срам и дипломатски поклонувања.