Првиот вицепремиер Изет Меџити во емисијата „Дијалог на Лајми”, изјави дека неговиот претходник Артан Груби, кој е во бегство од правдата во земјата, е во постојан контакт со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и тоа, според него, се забележува од начинот на функционирањето на партијата и медиумите блиски до него.
– Се зборува дека е во Албанија. Мислам дека е во постојан контакт со лидерот и раководството на ДУИ. Го гледам, сè уште се во неговото влијание. Тоа се гледа и во медиумите, и на порталите, и во соопштенијата. Тој замина, но последиците од него се очигледни и непоправливи – рече Меџити.
Министерството за внатрешни работи на 18 декември, лани, на барање на Јавното обвинителство, распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија, Прпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу 8 милиони евра од Државна лотарија, откако двете лица беа недостапни за органите на прогонот, а на кои Основниот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена.
За Груби потоа беше објавено дека со дипломатско возило на познат стопанственик ја напуштил земјава и се упатил кон Косово, додека поранешниот директор на Државна Лотарија веќе подолго време не бил во земјава.
Артан Груби (47) е осомничен за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ по чл. 275-в ст.3 в.в. член 24. Заедно со Груби и Бајрами, осомничен за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4, е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски (50), како и уште пет лица.