Расколот во ДУИ се продлабочува. Фракционерите обвинуваат дека со влегувањето на Алијанса во владината коалиција уште повеќе се ослабува позицијата на Интегративците, а како главен виновник го посочуваат Артан Груби. Изет Меџити пред поддржувачите во Сарај порача дека на партијата и се потребни реформи кои можат да започнат единствено со оставка на првиот вицепремиер и на, како што вели, другите неспособни министри.
Артан Груби и другите Артанци да си поднесат оставки пред народот кој никогаш не ги гласал. Со измама стана пратеник во 2016 година, кога мнозинството гласови беа на Сарај, со измама влезе во владата во 2020 година без никаков глас од граѓаните и без одобрение на претседателството, рече Изет Меџити , потпретседател на ДУИ.
Во меѓувреме аферите поврзани со првиот вицепремиер, Артан Груби, се множат. Само минатата година во неговото Министерство за политички систем биле потрошени 160 илјади евра за хонорари на кои не може да им се најде трагата.
Според анализата на БИРН во текот на 2022-та во четирестина наврати биле исплаќани суми од 22 до 300 илјади денари под ставката „други договорни услуги“, што е шифра под која, најчесто, се водат хонорарните ангажмани.
Сепак, кој и за што бил ангажиран останува тајна, бидејќи сите обиди на БИРН да добие дополнителни податоци биле безуспешни. Добиле безмалку празни фактури, во кои немало опис зошто се ангажирани лицата. Наведен бил само износот, а во описот на фактурите пишувало „договорци“.
Алфа уште пред неколку месеци објавуваше дека Министерството кое е задолжено за спроведување на Рамковкиот договор, ги прекршува неговите темели односно не ја почитува правичната застапеност. Таму само 37% од вработените се Македонци, 52% се Албанци, а останатите 11% се припадници на другите заедници. За овие вработени и не се знае што точно прават, па дури и дали доаѓаат на работа.
Зградата предвидена за 3 државни институции и околу 180 вработени сега има околу 5 институции, плус деловен простор, а само енигматичното министерство на Артан Груби има 404 вработени. Засега е непознато како само една од петте институции има безмалку двојно повеќе вработени од капацитетот на целиот објект.