Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека борбата против корупцијата нема да биде моноетничка.
Според него, има тенденција само Албанците да се прикажат како виновници.
„Кога сме кај борбата против корупција, политичкиот договор што сме го направиле е дека ќе имаме една безкомромисна борба, но со услов да не биде моноетничка, да не биде реваншистичка, туку да биде според закон и кон тие што го скршиле законот. Корупцијата не се случувала само кај Албанците, туку била во ист ред и со македонската страна“, вели Меџити.
На прашање на модераторот кој вели дека истата се случувала само кај Албанците, Меџити истакна дека има тенденција кај некои да ги претстават само Албанците како виновници, а тие сакаат законот да се примени кон тие што го прекршиле, без разлика на етничката припадност.
„Во овој случај институциите ја вршат својата работа, но последниот збор го има обвинителството и судството, а ние како Влада не сакаме да навлегуваме во нивниот дел од работата, но има доста материјал за да се дејствува, има доволно материјал за тие што згрешиле да преземат одговорност. Еве ќе ви дадам конкретен случај, зборуваме за игрите на среќа, зборуваме за работата на казината, има владина одлука надвор од законот, донесена е одлука без да се земе мислење од правната комисија, законот е прекршен, значи оваа одлука е противзаконска. Побаравме и автентично мислење од комисија компетентна за овој случај во парламентот на Македонија и во моментот кога комисијата го даде автентичното толкување, констатира дека законот е прекршен, со владина одлука се затвораат сите онлине казина и ова го отвора патот за кривично гонење. Но владата не гони кривично, кривично гонат органите на обвинителството и судството“, вели Меџити.