Намерата на албанската опозиција да падне ДУИ е се појасна. Откако БЕСА и Алтернатива си подадоа рака за соработка и окрупнување на опозицискиот фронт, Билал Касами ги кани и незадоволните интегративци и незадоволните членови на Алијанса за Албанците. Целта според него е гласачите Албанци на следните избори да имаат правилна адреса за процесот на промени – на овој фронт ги повика да се приклучат и јавните личности, дијаспората и другите актери на албанското општество, објави ТВ АЛФА.
По целосното отцепување на фракцијата на ДУИ, ќе им ја подадам раката за унифицирана соработка и на нив. Упатувам коректна и искрена покана и до парламентарната група и целото членство на АА со опозициска ориентација за да се придружат на опозицискиот фронт бидејќи тие секогаш биле за промена на албанскиот политички блок за да падне ДУИ – рече Касами.
Предводникот на фракцијата на ДУИ за Алфа вели дека со влезот на Алијанса за Албанците во Владата, интегративците се надевале ќе ја уништат опозицијата, барем во наредните 20 години.
Грешката е направена уште во 2020 година, зошто Ахмети кој оди по паметот на Груби, мислејќи дека ако ги внесат Алијанса во владата, во наредните 20 години нема да има опозициска албанска партија, но домашниот есап на пазар не излегува. Многу е тешко да се спои електоратот на ДПА и Алијанса, бидејќи се целосно спротивставени, и да се спојат, многу е тешко да се спои електоратот на ДУИ и електоратот на Алијанса, бидејќи цело време биле на нож, имало и луѓе што лежеле по затвори, имало и жртви. Гласачот, активистот, милитантот нема да може тоа да го заборави. Имате БЕСА, Алтернатива, тоа се електорат, кој биле дел од ДУИ, и тоа на видни функции, значи тие се наклонети на една иста основа, така да многу полесно е да се спои електоратот на Алтернатива, БЕСА, па и на некои незадоволни од ДУИ. На Албанците им требаат два политички блока. Не им требаат десет, но треба барем две – една владејачка и една силна опозициска, а не квази опозициска – вели Меџити.
Меџити ја поздравува иницијативата на Касами, ама незадоволната група останува да делува како фракција иако тензиите внатре во ДУИ од ден на ден растат. Последниот обид за замолкнување, на оние кои размислуваат различно од Груби, според Меџити е наводното разрешување на членовите, кои ја напуштиле партиската седница.
ДУИ е сериозна партија, со сериозни позиции, и не треба да си дозволи да ги крши тие демократски процеси. Истите луѓе кои го злоупотребуваат ЕУ знаменцето, и покрај реакциите од меѓународниот партнер. Многу е, да не речам смешно, после 22 години од формирањето на партијата, да ви кажат дека сте разрешени зошто сте ја напуштиле седницата. Тоа ги крши демократските вредности. Како може да биде разрешен пратеник во Собранието, ако ја напуштил седницата поради несогласување?Па пратеникот својот мандат го црпи од гласачите, а не од претседателот на Собранието. И ова за ДУИ значи дека тие не ги почитуваат вредностите и ова значи дека ако некој не аплаудира доволно добро на нивните изјави и одлуки, значи дека ќе биде разрешен? Јасно и гласно сакам да резимирам, Ахмети, со вакви структури прави хаос во ДУИ. Јас го повикувам, да го покаже тоа решение. Нас не избрал Конгресот на ДУИ, Централното собрание, и не може друг орган да не разреши. – додаде Меџити.
И БЕСА и Алтернатива, но и фракцијата на Меџити го делат истото мислење дека наводните заложби на ДУИ за европски фронт, се со цел функционерите од страната на Артан Груби, да останат ден повеќе во удобните фотелји, а не Македонија да стане членка на ЕУ.