Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити ноќеска го посетил местото на пожарот во Трубарево во објект за рециклирање батерии и електронски отпад.

-Со право предизвика загриженост кај сите нас. Дојдов во Трубарево и од терен со свои очи го видов ужасот што го предизвика овој сериозен инцидент. Веднаш по добивањето на информацијата за пожарот, сите надлежни служби – Министерството за животна средина, противпожарните екипи и другите институции – интервенираа навреме и ситуацијата во моментов е под контрола. Од 14:00 часот, инспекторите се на терен и вршат мерења на квалитетот на воздухот. Првите резултати од Државниот инспекторат и од специјализираните лаборатории се очекуваат многу наскоро. Тие ќе бидат јавно достапни веднаш по нивната обработка. Дотогаш, ве повикувам сите да ги почитувате препораките на Министерството за заштита на вашето здравје и безбедност, изјави Меџити.

Во соопштението од неговиот Кабинет, министерот за животна средина посочува дека компанијата во чиј објект вчера попладне во Трубарево избувна пожарот поседува важечка десетгодишна дозвола за работа, издадена во 2021 година.

-Во тесна соработка сме со сите институции за што побрзо и поефикасно надминување на оваа несреќа, додава Меџити.