Покачувањето на платите за вработените во јавниот сектор кое ќе стартува од септември оваа година беше тема на денешната работна средба помеѓу министерот за здравство Фатмир Меџити, претседателот на самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски, претседателот на Синдикатот на клинички, Предраг Серафимовски и претставници на Фондот за здравствено осигурување.
Тие на состанокот разговараа за начинот на имплементација на покачувањето на платите и пресметките кои треба да бидат подготвени пред истото да се реализира.
-Повисоките плати кои наскоро ќе ги добијат здравствените работници се од големо значење кога станува збор за испораката на здравствените услуги. Ние се стремиме да имаме мотивирани здравствени работници кои посветено ќе работат и ќе обезбедат квалитетна здравствена заштита за пациентите – истакна Меџити.
Меџити за време на средбата потенцираше дека покачувањето на платите покажува дека трудот на здравствените работници е вреднуван и ценет и дека истото ќе влијае на привлекување на професионалци во македонскиот здравствен систем, што е од големо значење за целата држава.
Покачувањето на платите ќе се реализира како дел од новиот Општ колективен договор за вработените во јавен сектор кој неодамна беше склучен помеѓу Владата и Сојузот на синдикати на Македонија. Со него се предвидени и исплата на регрес за годишен одмор за 2023 година од 10.000 денари, којшто ќе биде исплатен до крај на годината, како и нова Методологија за пресметка на плата која ќе стапи на сила од март 2025 година.