Фракцијата на ДУИ ќе прерасне во нова партија. Ова се сигналите од „огнената„ група по вчерашните внатрепартиски избори, со кои и формално беа исклучени од партијата неистомислениците со актуелното раководство.

Со ваквиот начин на организирање внатрепартиски избори, кои подразбираат и формално наше исклучување од партијата, веќе се исцрпени сите можни опции за внатрешно функционирање и вистина е дека искреното членство кое нè поддржува и кое е во огромен број бара рефлектирање и дејствување, при што сите опции се на маса, меѓу кои и формирање ново политичко движење, вели Изет Меџити.

Од оваа група уште вчера ги прогласија изборите за фингирани, нестатутарни и организирани под диктат со цел да бидат исклучени дел од основачите на ДУИ кои бараа од Ахмети да го отстрани Артан Груби од врвот на партијата.

Ахмети, пак, негира дека изборите биле нестатутарни. Напротив, вели дека се одржани по највисоки стандарди.

Вчера интегративците избраа нови претседатели и членови на 14 ограноци, како и претседатели на локални совети, со што практично ги истиснаа „огнените“ од своите редови.