Изет Меџити, претседателот на новата партија Демократско движење најави дека неговата партија, заедно со Беса и со Алтернатива ќе имаат заеднички кандидат Албанец за нов претседател на Македонија.

-Албанската опозиција – Демократско движење, Движење Беса и Алтернатива, со отворена врата и за другите, ќе имаме наш кандидат за претседател, Албанец. Сè уште немаме име, но ова го имаме како определба. Според предвидувањата, може да помине и во втора рунда – изјави Меџити во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ 21.

Својот оптимизам тој го темели на фактот дека „од една страна е една силна ВМРО, а има и СДСМ паднат на земја“, заклучувајќи дека „ова е шанса за албанскиот кандидат“.

Меџити го оцени таканаречениот Европски фронт на ДУИ, сицилиски фронт гледајќи ги нивните постапки во последните месеци.

-Ако гледаме што се случува со измените во Кривичниот законик, со ситуацијата во Будимпешта, со континуираното отворање на казина и брзи пари, кои се легално лихварство, овој фронт повеќе личи на сицилиски фронт – одговори Меџити на прашањето дали неговата партија ќе се приклучи на Европскиот фронт на Груби.

Меџити одговори и на обвинувањето на Зијадин Села дека го киднапирал пратеникот Кастриот Реџепи, велејќи дека Села треба да биде благодарен што Реџепи ја спаси европската интеграција на земјата, и го спречи Села да ја направи најголемата грешка во кариерата, што ќе значеше крај на неговиот политички живот, по коалицијата со Апасиев, рече Меџити.

-Ако Кастриот беше киднапиран, по ослободувањето ќе се вратеше во својата партија, немаше да седи со мене и да го основаме ДД – рече Меџити.

Европскиот фронт е само фарса и дава празни ветувања за да го продолжи животот на Владата до следните парламентарни избори, рече Меџити.