Протестни маршови во организација на повеќе синдикати ќе се одржат денеска во Скопје, како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот 1-ви Мај, што традиционално во светот се прославува во чест и сеќавање на борбата на работниците за унапредување на нивните права.
-Договори за вработување на неопределено време, прекинување на праксата на договори на определено време подолго од една година, саботата и неделата да бидат денови на неделен одмор, 12 месеци породилно отсуство, минимална плата од најмалку 13.800 денари, се дел од барањата што ќе ги упатат учесниците во синдикалниот марш, во организација на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Маршот ќе почне во 11 часот од пред зградата на ССМ по што ќе продолжи пред Собранието, а ќе заврши пред Владата каде ќе биде прочитан првомајски манифест, со кој ќе се побара брзо решавање на сите нерешени работи од Законот за работни односи и Општиот колективен договор. Оваа година се одржува под мотото „Не може да се одлучува за нас, без нас”.
Учесниците во синдикалниот марш, што секоја година го организира ССМ по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај ќе побараат и пораст на платите, регрес за годишен одмор за сите, стоп за зголемување на границата за пензионирање, здрави и безбедни работни места. Ќе биде упатен апел и за ставање крај на мобингот и дискриминација, стоп за мешање во синдикалното организирање, унапредување на колективното договарање.
– По предлог на ССМ е отворен Законот за работни односи и можам оптимистички да кажам дека 70 проценти од членовите се усогласени со нашите партнери – Организацијата на работодавачи и Владата. Отворен е и Општиот колективен договор за приватниот сектор, но тука сум песимист. Сепак, верувам дека ќе наидеме на разбирање и ќе го потпишеме овој договор, рече претседателот на ССМ Дарко Димовски на прес-конференцијата на која го најави маршот.
Од ССМ ги повикаа граѓаните и останатите синдикати да се приклучат на маршот и заеднички да се изборат за подобрување на работничките права.
Димовски тогаш порача политиката да се тргне од 1 Мај и упати апел до политичарите овој ден да го остават на работниците, а не преку нив да остваруваат свои цели и да го злоупотребат работникот.
Неколку години наназад, почнувајќи од 2010 година, ССМ го одбележуваше Меѓународниот ден на трудот со кампањи за одредени области од заштитата на работничките права и како резултат на тоа беа иницирани и донесени неколку законски решенија како што се Законот за мобинг, измените на Законот за безбедност и здравје при работа и за првпат од осамостојувањето на Македонија, Законот за минимална плата со кој се утврди најнискиот износ на плата којшто треба да им се исплати на работниците.
Покрај ССМ, и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) ќе го одбележи 1 Мај, со првомајското протестно движење во центарот на Скопје.
Според најавата, шеесетина возила ќе бидат следени со околу 300 членови на КСОМ кои движењето преку мостот „Гоце Делчев“ ќе го завршат пред Владата во 11.30 часот. Претседателот на КСОМ и генералниот координатор на независните синдикати ќе ги презентираат сите синдикални барања кои се однесуваат за сите синдикални организации во КСОМ, а веднаш потоа ќе бидат предадени и до Премиерот на РСМ.
Првомајски марш организираат и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Независниот академски синдикат и Синдикатот на културата. Маршот ќе се одвива под мотото „На 1 Мај каде си? За свои права, на улица си“. Маршот ќе започне во 11:30 часот од Плоштадот „Карпошово востание“.
Во пресрет на Меѓународниот ден на трудот, Самостојниот синдикат на образование, наука и култура (СОНК) вчера објави првомајски проглас во кој изрази незадоволство од положбата на нивните членови во дејностите детска заштита, основно, средно, високо образование, наука и култура, посочувајќи дека се на дното на скалилото на плати во јавниот сектор.
– Во последниве неколку години државата се обиде да направи обид за подобрување на социјалниот статус на оваа категорија на работници, но тоа беше сосема симболично и незадоволително од една страна, како и селективно, од друга страна. Зголемувањето на платите од пет отсто за детските градинки, основното и средно образование ни одблизу не ги задоволуваат основните потреби за егзистенција, наспроти зголемување на минималната плата на национално ниво од 20 отсто. Ситуацијата во установите од културата и високото образование и науката е уште полоша, од позиција на ниски плати, дури ни без тие пет отсто зголемување во 2018 година. Ветувањата за зголемување на платите и во 2019 година за дополнителни пет отсто за СОНК се добродојдени, но процентот е апсолутно неприфатлив, односно низок. СОНК во повеќе наврати укажуваше и бараше усогласување на платите со процентот на зголемување на минималната плата на национално ниво, стои во Првомајскиот проглас на СОНК.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во Македонија од 2007 година за неработен ден е прогласен само 1 мај, а до 2006 година неработни беа 1 и 2 мај.
Денот на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации