Женскиот дел од ЗФГ „Копачка”, село Драмче, Делчево настапи на Меѓународниот фолклорен фестивал на танцови клубови „Шарена Стомна”, кој се одржа во Добриниште, Општина Банско, Република Бугарија.
Секретарот на ЗФГ „Копачка”, Перса Стојановска, информираше дека станува збор за фестивал на кој беше презентирано фолклорното богатство на балканските народи.
-Беше чест да се биде дел од овој фестивал кој се одржува трета година по ред. На фестивалот настапија 33 музички фолклорни состави и над 600 учесници од Македонија, Грција, Србија и Бугарија кои го покажаа својот талент во фолклорно надигрување. Фестивалот немаше натпреварувачки карактер и имаше за цел да ги запознае гостите и учесниците, со фолклорот на балканските народи, како и да создаде нови пријателства, истакна Стојановска.
Додаде дека, женскиот дел од ЗФГ „Копачка” се претставила со изведбите „Езгија” на тапани, „Копачка” оро и оро „Ситното”, со проследен бурен аплауз од публиката.
Со овие настапи „Копачка” се подготовува за одбележувањето на 5-годишнината од влегувањето на орото „Копачка” на репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на УНЕСКО.