Во манастирот Св. Јован Претеча што се наоѓа во демирхисарското село Слепче, а во рамки на 8. издание на Демирхисарската летна школа, годинава ќе биде одбележан јубилејот 500 години од хиротонијата на архиепископот Прохор.

Координативниот тим предводен од игуменот на Манастирот во Слепче, отец Серафим, и дел од сестринството, во улога на соорганизатори на школата и организатори на традиционалниот Меѓународен научен симпозиум, претставуван од проф. д-р Сашо Цветковски, научен раководител на Демирхисарската летна школа и научен советник при Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, заедно со Благој Шундовски надворешен соработник, ја утврдија главната тема на програмата, односно одбележувањето на претстојниот петвековен јубилеј – 500 години од хиротонијата на архиепископот Прохор и духовното-литературно делување на Слепченската книжевна школа.

Годинашната Демирхисарска летна школа целосно ќе биде посветена на јубилејот, преку организација на специјализиран научен настан, на кој ќе биде претставен Портретот на архиепископот Прохор и сликаните претстави на охридските архиепископи од времето на XVI век, ќе се говори за Архиепископот Прохор и Цариградската патријаршија во првата половина на XVI век, како и за Архиепископот Прохор и кнезот Димитар Кратовски. Гости од Србија и Бугарија ќе презентираат трудови на тема „Визуелна култура на манастирот Трескавац во ерата на архиепископот Прохор“ и „Соработка меѓу архиепископот Прохор и игуменот на Слепченскиот манастир“.

Организаторот информира дека учество на симпозиумот потврдиле еминентни научни работници академици, универзитетски професори и истражувачи од Македонија, Србија и Бугарија. Настанот ќе биде збогатен и со присуство на две студентски групи од Филолошкиот, Филозофскиот и Православниот богословски факултет во Скопје, како и наставници по македонски јазик и историја од основните и средното училиште во Демир Хисар.

Фото: Општина Демир Хисар