Британската премиерка Тереза Меј денеска изјави дека повторно ќе побара од Европска унија да го продолжи периодот за преговори за Брегзит и оти ќе се обиди со лидерот на лабуристите Џереми Корбин да го прекина „застојот“ на процесот во Парламентот.
Меј истакна дека на Велика Британија и е потребно да се продолжи периодот за активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор, што се однесува на излегување од ЕУ, на што е можно пократок временски период, за да се избегне излез од Унијата без договор.
– И мораме да бидеме јасни што е целта на таквото продолжување, за да обезбедиме да излеземе правовремено и уредно, посочи Меј.
Таа додаде дека презема акција за да изнајде излез од ќор сокакот во кој западна Брегзит.
– Нудам да седнам со лидерот на опозицијата и да се обидеме да се договориме за планот, до кој двајцата ќе се држиме за да обезбедиме излез од ЕУ и тоа да го направиме со договор, наведе Меј по седумчасовниот состанок со членовите на Владата.