Британската премиерка Тереза Меј изјави пред министрите дека Парламентот нема да гласа за брегзит оваа недела, бидејќи на неа и треба повеќе време за преговори со ЕУ. Ова го соопштија од Кабинетот на Меј.
Таа се обидува да издејствува промени во договорот, кој го направи со ЕУ минатата година, откако британските пратеници го отфрлија.
-Таа рече дека е јасно дека ќе биде потребно малку повеќе време за завршување на дискусиите со ЕУ, нагласи портпаролот на Кабинетот на Меј.
Повторното гласање за договорот со ЕУ за брегзит беше планирано за 14 февруари.
Досега, позицијата на ЕУ остана непроменета. Главниот преговарач на Унијата, Мишел Барние вчера уште еднаш изјави дека ЕУ нема намера повторно да дискутира за условите на договорот постигнат минатата година.