Британската премиерка Тереза Меј денеска на пратениците им кажа дека имаат јасен избор – или да го поддржат нејзиниот договор за Брегзит, или Велика Британија да ја напушти Европската унија без договор, или воопшто да нема Брегзит.
– Изборот е јасен: можеме да излеземе без договор, можеме да ризикуваме воопшто да нема Брегзит, или можеме да избереме да се обединиме и да го поддржиме најдобриот договор кој може да се постигне, рече Меј.
Таа го бранеше нејзиниот договор со кој ирската граница останува отворена откако Велика Британија ќе ја напушти Европската унија, велејќи дека „дејствувала во национален интерес“.
– Нема договор … кој не ја вклучува оваа осигурителна политика, изјави Меј во Парламентот.
Таа рече дека официјалните претставници на ЕУ направиле „голем број отстапки“ за време на преговорите за Брегзит, и го повлекле барањето за царински аранжман само со Северна Ирска.
Би било „целосно неодговорно“ да се откажеме, истакна Меј и побара од пратениците да го поддржат нацрт-договорот кога ќе се гласа во Парламентот.
Неколку министри во британската Влада денеска поднесоа оставки во знак на протест поради договорот на Меј со Брисел за излезот на Велика Британија од Европската унија. Прв оставка поднесе британскиот министер за Брегзит Доминик Рааб, истакнувајќи дека „не може со чиста совест да го поддржи“ нацрт-договорот за Брегзит со ЕУ.
Во рок од неколку часа оставки поднесоа и министерката за труд и пензии Естер Меквеј, пратеничката во владејачката Конзервативна партија и помошничка на министерот за образовние Ан-Мари Тревелијан, државната министерка во Министерството за Брегзит Суела Брејвермен и британскиот државен министер за Северна Ирска, Шаилеш Вара. Сите своите оставки ги образложија со незадоволство и загриженост поради нацрт-договорот на Меј за Брегзит.
Европската комисија денеска одби да заземе став во врска со оставките во британската Влада.
– Нема да коментираме внатрешнополитички случувања. Преговараме со премиерката Тереза Меј и со нејзината Влада. Ќе ја продолжиме добронамерната заедничка работа, изјави претставник на ЕК.
Тој одби да ја коментира можноста договорот да биде отфрлен. Тој исто така информира дека во последните неколку часа претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер не разговарал со британската премиерка.
Европската комисија и Велика Британија вчера постигнаа договор за условите на Членот 50 кој се однесува на Договорот за повлекување, соопшти Европската комисија.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска најави дека во недела на 25 ноември ќе биде одржан вонреден самит на Европската унија на кој ќе биде финализиран и формализиран договорот за излез на Велика Британија од Унијата.