Британската премиерка Тереза Меј сака со билатерален договор со Ирска да го реши проблемот со спорниот заштитен механизам што е пречка за прифаќање на договорот за напуштање на Британија на Европската унија, објави Сандеј тајмс.
Весникот објави дека соработници на премиерката сметаат дека договорот со Ирска би ги „избришал“ причините за противење на Демократската унионистичка партија која ја поддржува малцинската влада на Тереза Меј на власт, како и кај бунтовниците во сопствената Конзервативна партија, за нејзиниот план за брегзит.
Според висок извор во владата во Ирска, предлогот за билатерален договор „не е нешто што би разгледувале“, а друг висок извор тврди дека тоа не би било прифатливо за Европската комисија.
Меј во вторникот претрпе голем пораз во Парламентот кога со големо мнозинство гласови од нејзината партија како и други пратеници беше отфрлен нејзиниот план за брегзит што го договори со Брисел.
Се очекува Меј утре да објави кои следни чекори ќе ги преземе. Сандеј тајмс објави дека група пратеници ќе имаат денеска состанок за да најдат начини како Парламентот може да го суспендира брегзит одземајќи и така на британската влада контрола над постапката.