Поранешниот британски премиер Џон Мејџор ја повика денеска премиерката Тереза Меј да се откаже од своите „црвени линии“ во врска со Брегзит и да му дозволи на Парламентот да најде начин да ја избегне штетата од излезот на Велика Британија од ЕУ во март без договор.

– Ако ја напуштиме ЕУ во хаос и без договор, мислам дека тоа ќе биде најлош од сите резултати, истакна Мејџор.

Според него, Меј треба да се „позанимава“ со пратениците во нејзината Конзервативна партија кои велат дека се подготвени да прифатат Брегзит без договор.

Во вторникот британските парламентарци со големо мнозинство го отфрлија предлогот на Меј за Брегзит, кој таа го договори со ЕУ, но во четвртокот сепак изгласаа доверба на нејзината Влада.