Европската Унија упати јасни пораки до Тирана во врска со истрагата на вицепремиерката Белинда Балуку, насилните протести на опозицијата или законската иницијатива на СП за спречување на суспендирање на носители на високи функции, објави Топ чанел.

Пораките ги упати претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, кој во изминатите два дена заедно со 8 пратеници од Европскиот парламент престојуваа во Тирана.

Мекалистер изјави дека оваа посета доаѓа во многу соодветно време, според него, имајќи предвид дека Албанија ја отвори последната група поглавја во процесот на преговори за членство во ЕУ.

-Ние продолжуваме силно да ја поддржуваме Албанија на нејзиниот пат кон европската интеграција. Исто така ги признаваме и силните резултати што ги постигна Албанија. Отворањето на сите поглавја е значајно достигнување. Но, нема место за самозадоволство. Албанија треба да продолжи да работи уште понапорно за исполнување на обврските и за завршување на преговорите, изјавил тој, објавија албанските медиуми.

Мекалистер истакна дека интеграцијата во ЕУ е процес што се темели на заслуги и според него, секоја земја се оценува врз основа на исполнувањето на критериумите.

„Го цениме тоа што интеграцијата во ЕУ е приоритет во Албанија, но сме загрижени во однос на политичката поларизација. Сметаме дека е потребен поголем политички дијалог. Мнозинството треба да ја вклучи опозицијата во политичкиот дијалог, а таа да се откаже од насилните протести, изјави Мекалистер.

Во однос на истрагата против вицепремиерката Белинда Балуку, на новинарско прашање рече дека не сака да коментира вакви случаи но додаде „ова прашање е тест за Албанија на европскиот пат”, како што се и најавените „законски измени за спречување на суспендирање на носители на високи функции”.

Делегацијата од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за време на посетата се сретна со претседателот на Собранието на Албанија, Нико Пелеши, премиерот Еди Рама и министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали.

Се сретна и со претставници на опозициската Демократска партија, но не и со лидерот Сали Бериша. Тие се пожалиле дека Албанија назадува во борбата против корупцијата и оти парламентарните избори биле изманипулирани. Неговата порака беше дека за насилни протести нема место во една функционална демократија.