Првата дама на САД, Меланија Трамп, вети дека претседателот на САД ќе стори сѐ за да се изнајде ефективно лечење од коронавирус или вакцина достапна за сите.

Сопругата на американскиот лидер настапи синоќа виртуелно на конвенцијата на Републиканската партија на САД од неодамна реставрираната Градина на розите во Белата куќа, пред дваесеттина присутни гости и претседателот Доналд Трамп.

-Давам искрено сочувство на сите кои ги загубија најблиските, изјави првата дама, додавајќи дека е свесна за загриженoста на многу луѓе.

Таа посочи дека Администрацијата на нејзиниот сопруг нема да ја запре борбата додека не се појави ефективен лек или општо достапна вакцина. Меланија исто така изрази благодарност до докторите, медицинските сестри и учителите за нивната служба во борбата против пандемијата.

Говорот на првата дама медиумите во САД го нарекоја „искрен“ и „оригинален“, откако беше обвинета дека на конвенцијата на партијата во 2016 година плагијазирала дел од говорот на Мишел Обама, поранешна прва дама на САД.