Легендарната македонска поп-рок група „Меморија“ за прв пат во својата 42-годишна историја ќе настапи на една клубска свирка. Легендарниот македонски бенд оваа сабота 27 септември 2025 година ќе одржи концерт во позанатиот скопски ноќен клуб „Интермецо“.
Иако без проблем ги полнеа огромните многуилјадни простори на некогашното „Скопско сајмиште“, арената „Борис Трајковски“, отволрениот амфитеатар во „Домот на млади“ во Штип или последниов настап во Гевгелија на огромниот отворен паркинг кај новиот пазар на манифестацијата „Вкуси го југот“, овој пат Перо Камиказа и другарите од групата се решија на една малку поинаква дружба со својата публика.
Ништо ново, ниту чудно, зашто тоа го правеле и најголемите светски бендови како „Ролинг Стоунс“, „Битлси“, „Пинк Флојд“, „Аеросмит“, „Дип Парпл“… кои понекогаш решавале да настапуваат во најпознатите градски клубови во Њујорк, Париз или Лондон, како што беше на пример легендарниот клуб „Марки“, места кои собираат само неколку стотини посетители.
Интимни простори кои се понекогаш многу подобри за непосреден контакт со најверните обожаватели, во кои бендот и публиката има најнепосредна интеракција, а фидбекот и возвратната енергија се неописиви.
Токму затоа и „Меморија“ се реши на ваков чекор, па оваа сабота (27.09.2025) се очекува познатиот скопски ноќен клуб „Интермецо“ не само да биде преполн, туку многумина кои нема да обезбедат влезници навреме, ќе мораат да останат надвор пред вратите.
Со „Меморија“ забавата е секако загарантирана, зашто познатите хитови како „Нена“, „Одам за секогаш“, „Дирлада“… не може да не ве кренат на нозе, а безвременските балади како „Оган под ѕвездите“ „Зошто Боже“, „Нашите слики“ или последната „За тебе“ ви ги враќаат спомените и растреперуваат емоциите.
Затоа секој што сака са биде дел од ова интимно музичко патување за своја душа, нека побрза да си обезбеди навремено место во скопскиот клуб „Интермецо“.