Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ денеска е отворен традиционалниот Централен меморијален турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители. Настанот беше искористен во изборниот молк пред утрешните локални избори да го отворат министрите Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, кои учествуваа во изборната кампања.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на отворањето им оддаде почит на загинатите бранители, изразувајќи благодарност што има можност како и претходните години да биде дел од овој традиционален меморијален спортски турнир мотивиран од благородната идеја за сеќавање на нашите загинати бранители припадници на МВР и МО.
– Една од вредностите што не зближува морално и човечки е традицијата во којашто меѓу другото е ставена колективната моморија за она што е доблесно, значајно, што ни е блиско и бесмртно. Во тој контекст и оваа меморијална спортска манифестација ја има истата возвишена цел, собирајќи не заедно постојано да не потсетува на сите наши драги колеги и пријатели, на нивните ликови и возвишени дела во името на слободата на нашата држава и на нејзините граѓани, нагласи Спасовски.
Тој истакна дека никогаш не смееме да заборавиме што им должиме на хероите, дека имаме јасна обврска оставена да целиме кон подоброто, кон човечното, искористувајќи ги најдобрите можности што ни се дадени бездруго благодарение на нашите бранители.
– Во мое име и во име на МВР и во оваа прилика им оддавам почит на нашите загинати браните, рече министерот.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека Меморијалниот турнир е нивниот начин секоја година активно да го одбележат споменот на загинатите бранители, да упатат благодарност до нив и да упатат сочувство до семејствата на секој припадник на вооружените сили кој го положил својот живот на својата служба.
– Велат дека времето лечи се, но дека оваа болка никогаш не може да замине. Животот на нашите херои е спомен за нивната пожртвуваност се со цел да живееме денеска во безбедна и сигурна држава. Нивната жртва никогаш нема да биде заборавена, наведе Шекеринска.
Министерката посочи дека Меморијалнот турнир не е единствен начин да се сетат и да возвратат за жртвата на хероите.
– Меморијалниот турнир не е единствениот начин да се сетиме и да возвратиме за жртвата на нашите херои, тоа треба и го правиме секојдневно со поголемата грижа и политики кои што се однесуваат на стандардот на вооружените сили, на шансите за нивно унапредување и шансите за подобар квалитет на нивната работа, посочи Шекеринска.