Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека владата ќе ја преиспита можноста за повторно воведување задолжителна воена служба доколку доброволните програми не успеат да привлечат доволен број војници во Бундесверот.

– Споделувам став со министерот за одбрана дека Бундесверот има сериозен недостиг од персонал, изјави Мерц на заедничка прес-конференција со холандскиот премиер Дик Схоф во Берлин.

Тој нагласи дека доколку доброволното регрутирање не ги исполнува потребите на армијата, ќе мора да се разговара за дополнителни мерки. Според коалицискиот договор, службата треба првично да биде доброволна, но тоа не исклучува понатамошни измени.

Социјалдемократите, коалициски партнери на Мерц, се против повторно воведување на задолжителната служба во овој парламентарен состав. Но, новиот парламентарен комесар за вооружените сили Хенинг Оте оцени дека ваква мерка може да биде потребна и најави дека ќе ја постави на дневен ред до крајот на годината.

фото: архива