Германскиот канцелар Фридрих Мерц уште еднаш ги урна надежите на Украина за брз влез во Европската Унија, предупредувајќи дека процесот може да трае со години, јави ДПА.

– Наш врвен приоритет во моментов е да сториме сè што можеме за да ја завршиме оваа војна, рече тој на денешниот состанок со романскиот претседател Никушор Дан во Берлин.

Потоа, рече Мерц, ќе почнат разговори за обнова на Украина. Ова би бил процес кој на крајот би можел да доведе до тоа Украина да стане членка на ЕУ, но, како што рече, „тоа ќе трае неколку години“.

Украина е кандидат за членство во ЕУ од 2022 година и сака брзо да биде примена во Унијата.

Мерц изјави дека сè додека Украина е под напад и во состојба на војна, „пристапувањето во Европската Унија секако ќе биде практично невозможно“.

Меѓутоа, целта е земјата да се доближи што е можно повеќе до ЕУ и Украина да се поврзе со заедницата, додаде германскиот канцелар.

Украина се брани од руска инвазија повеќе од три години.