Кој ја сака слободата се грижи за слободните медиуми, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, по повод 75-годишнината од првиот повоен весник во земјата.
Во денешната видео-порака Меркел истакна дека на демократијата „и треба јавноста“.
– Демократијата има потреба од простор каде можеме да зборуваме за законите, но и за нашите вредности. Демократијата има потреба од јавноста во која може да се дискутира и да се изразат различни мислења, подвлече таа, додавајќи дека врз основа на таа дискусија може да се развијат заеднички решенија.
Тоа, меѓутоа, потенцира таа, бара толеранција кон мислењата на другите и тоа бара прифаќање на критиките.
Меркел истакна дека ова е особено потребно сега, кога граѓаните се соочуваат со пандемија на коронавирусот и кога се водат дискусии за политичките и социјалните последици.
Таа ги отфрли критиките дека медиумите во моментов не го претставуваат целиот спектар на мислења.
-Не го гледам така, туку напротив. Секој ден учиме, од науката пред се и не снабдуваат со нови знаења. Апсолутно е важно тоа да го разбереме и што е можно повеќе луѓе да дознаат за тоа. За тоа се грижи понудата на медиуми , како јавниот сервис, така и приватните, аналогните, како и дигиталните медиуми, додаде Меркел.
Таа рече дека новинарите мора да можат критички да ја анализираат владата и сите политички чинители, затоа што на демократијата им се потребни факти и информации, но лагите мора да се разликуваат од вистината.
-Мора да биде можно од различни перспективи да се види реалноста и од тоа да се извлечат соодветни заклучоци, објасни Меркел.
Според неа, слободата на медиумите е мерка за состојбата во општеството.
-Затоа е загрижувачко кога се напаѓаат новинари во нашето демократско општество, рече таа.
Меркел рече дека е горда и благодарна што во Германија имало повеќе од седум децении слобода на медиуми и побара да се води грижа секој ден за да се обезбеди новинарите да имаат можност да работат слободно, дека нивната работа е ценета и поддржана.