Германската канцеларка Ангела Меркел доцна попладневи отпатува во проштална посета на Израел, која ќе вклучува средби со претседателот Исак Херцог и премиерот Нафтали Бенет, јави ДПА.

Меркел ја напушта функцијата штом се формира новата влада во Германија по изборите одржани во септември. Пред неколку дена таа го посети и папата Франциск во Ватикан.

Утре таа треба да се сретне со Бенет, Херцог и министерот за надворешни работи Жаир Лапид, првпат откако новата влада ја презеде функцијата во текот на летото.

Патувањето во Израел закажано за крајот на август беше откажано поради настаните во Авганистан.

Меѓу најверојатните теми на агендата се иранската нуклеарна програма, односите со Палестинците и билатералните односи.