Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека пандемијата на коронавирусот ја истакна потребата за масовно надградување на технологијата во училиштата низ целата земја.
Меркел во својот неделен видео подкаст рече дека наставниците се префрлиле на онлајн настава по затворањето на училиштата поради пандемијата.
Тоа ја потенцираше важноста на дигиталните медиуми и другите средства, но исто така откри и големи инфраструктурни проблеми, посочи Меркел.
– Поради тоа мора максимално да ја забрзаме дигитализацијата на училиштата. Тоа ни треба како неопходен додаток за часовите лице в лице, рече германската канцеларка и додаде дека германската Влада ќе одвои шест милијарди евра за тие цели.
Меркел рече дека сите училишта мора да имаат брз интернет што е можно поскоро, и оти наставниците мора да имаат компјутери што можат да поддржат одржување дигитална настава.
Училиштата во Германија се повторно отворени, но властите предупредуваат дека земјата мора да биде подготвена во случај бројот на пациенти повторно да се зголеми.
Од почетокот на пандемијата, Германија регистрира повеќе од 271.000 заразени со коронавирусот, а речиси 9.500 луѓе починаа од Ковид-19.